Овие денови Facebook е главно актуелен поради падот на најголем дел од сервисите и платформите во сопственост на друштвената мрежа. WhatsApp, Instagram, па и самата мрежа поради промена во конфигурацијата на серверот паднаа и беа недостапни или тешко достапни подолг период.
Поради ова веројатно поважната вест остана помалку забележана. Зделките кои Facebook ги има за споделување на податоци се под истрага за криминал. Сојузни обвинители започнаа да ги истражуваат договорите кои компанијата ги има со дел од најголемите светски компании. Поротата во Њујорк донесе одлука дека треба да се побараат документи од барем две големи компании. Компаниите за кои станува збор се производители на паметни телефони и слични уреди. Засега и двете компании се анонимни, но биле партнери на Facebook и добивале податоци за корисниците на друштвената мрежа.
Споделувањето на податоците со овие компании не е новост и трае од самите почетоци на компанијата. Facebook им дозволувал претерана слобода на производителите на паметни уреди при собирањето на податоци. Можностите од податоците кои друштвената мрежа ги споделува со Apple, Amazon, BlackBerry, Microsoft и Samsung одат дотаму што овие компании можат да си направат мини друштвени мрежи. Производителите можат да соберат доволно податоци не само за корисниците, туку и за нивните пријатели. Така Microsoft преку Bing можел да креира мапа на сите пријатели на корисникот, а Amazon ги имал имињата и контакт податоците на пријателите.
Ова е втора активна истрага во работата на најголемата друштвена мрежа. Првата секако е незатворена и се однесува на работата и злоупотребите поврзани со скандалот со Cambridge Analytica.
Facebook вели дека овие партнерства се дел од договорот со Федералната комисија за комуникација и се во склад со правилата. Претставник на федералната комисија за New York Times откри дека комисијата разгледува дали најголемата друштвена мрежа го прекршила договорот. Доколку се утврди дека правилата се прекршени Facebook ќе се соочи со казна од повеќе милијарди долари.
The post Договорите на Facebook за споделување податоци под истрага appeared first on IT.mk.